Гисласон: Македонија е ракометна нација и има талентиран тим за ЕП

Ракометарите на Македонија влетаа во „групата на смррта“ на Европското првенство, па ќе се борат со Германија, Франција и Швајцарија. Нема сомнеж дека ќе биде пеколно тешко за момците на Кирил Лазаров, меѓутоа и противниците се внимателни пред турнирот. 

Селекторот на домаќинот, Алфред Гисласон, ја анализираше ждрепката и имаше пофални зборови за репрезентацијата на Македонија. 

„Задоволен сум од ждрепката, ова е интересна и квалитетна група. Од спортски аспект, можевме да добиеме полесни ривали. Го исчекуваме првиот натпревар во Дизелдорф со Швајцарија. Јасно беше дека ќе ни дојде еден гигант, Шпанија или Франција. 

Исто така, мора да сме будни и против Македонија, да ја поправиме играта од минатиот турнир. Македонија е ракометна нација, има многу добри играчи и неколку квалитетни тимови. Ракометарите со кои ќе дојде на Европското првенство се многу талентирани. Тие се особено добри во офанзивно и дефанзивно маркирање“, прокоментира Гисласон.

Германците се наш втор ривал на Евро-шампионатот, откако во првото коло Македонија ќе игра против Франција. Средбата со „триколорите“ е на десетти јануари, потоа со домаќинот на 14 јануари, а последниот дуел во групата со Швајцарците е закажан за 16 јануари.