• Мартин Танасковски

Матиас Гидсел блескаше на Светското првенство (СП) во ракомет на кое Данска четврти пат по ред стана планетарен првак. Ја доби МВП-титулата, а исто така беше и најдобар стрелец на шампионатот.
Со вкупно 74 гола, Гидсел заврши на лидерската позиција, што е вторпат во низа тој да биде најдобар стрелец по СП 2023 каде заврши со 60 гола. Така тој влезе во друштво на уште тројца играчи кои се единствени по двапати што се топ-стрелци на Светските првенства.
Кирил Лазаров со Македонија двапати беше најдобар стрелец на Светските првенства. Првиот пат тоа беше кога во 2009 година даде рекордни 92 гола, достигнување до кое ниту едно име во последните 16 години не беше близу, а потоа нашиот десен бек беше најдобар и во 2017 година.
Второто име со ова достигнување е Данецот Микел Хансен кој беше најдобар на СП 2011 и 2019, додека третото име е Кореецот Кјун-Шин Вон кој беше најдобар стрелец во 1995 и 1997 година.