• Иван Димовски
Ракометната репрезентација на Данска слави убедлива победа против Аргентина со 38-27 (19-14), во рамките на третото коло на Олимписките игри во Париз. Фаворитот не дозволи никакво изненадување, од стартот имаше контрола на резултатот и речиси рутински дојде до победата со која е на чекор до плеј-офот.
Скандинавскиот фаворит се наметна и уште од стартот покажа кој е кој на теренот. Предноста брzo стигна до четири-пет гола разлика. Како што течеше полувремето, данското водство растеше и достигна 14-7. Тогаш Аргентинците успеаја да врзат четири погодоци во низа и намалија на три разлика. Сепак, Данците го исконтролираа резултатот и успеаја да го зголемат до полувремето (19-14).
Во вториот дел се влезе со слично темпо како во првиот дел. Аргентина се обидуваше да фати приклучок, но не успеваше да пријде доволно близу. Тоа скандинавскиот колектив знаеше да го казни и ја повтори највисоката предност од седум разлика. До крајот Аргентинците се обидуваа, ама беа без сили за било какво изненадување и претрпеа пораз.
Матиас Гидсел одигра симултанка и даде дури тринаесет гола, додека кај Аргентинците се истакнаа Паркер, Пизаро и Симоне со по пет гола.
ФОТО/PHOTO: © IHF