• Иван Димовски
Женската ракометна репрезентација на Македонија загуби од Романија (23-31), во третиот дуел на Европското првенство. Девојките на Савевски немаа сили за сензација, па со три порази го завршија настапот на овој турнир. Сепак, денес беа рамноправни во првите триесет-четириесет минути и покажаа карактер.
По завршувањето на дуелот својот став за поразот и мислење за случувањата на овој турнир го сподели Леонида Гичевска.
„Можеби можевме да одиграме поразлично на Неагу, ама ние се подготвувавме со зона 6-0. Штета е што не го искористивме овој момент, да играме пред домашна публика на еден голем собир. Жално е што по десет години добивме шанса да играме ваков собир дома и не го искористивме.
Дадовме сè од себе. Сметам дека бевме рамноправни речиси во целиот натпревар, а во моментите кога паѓавме се виде слабата ротација. Романките се менуваа со многу ракометарки, а тие кои требаше да не заменат нас стартерите се навистина многу млади и за нијанса понеискусни. Ние и покрај поразот на крајот „прославивме“ со песна, бидејќи ни беше мило да играме пред своја публика на ваков собир. Нам ни недостигаше можеби поголема анализа на противниците, поискусен ростер. Се надевам овие ракометарки кои добија шанса ќе прераснат во подобри играчи и ќе формираме посилен тим.
Доколку миневме во главната фаза ќе имавме уште полесен противник во квалификациите за Светското првенство, но сметам дека на оваа репрезентација ѝ претстои одлична иднина. Мислам дека ќе се радуваме на успеси во иднината“, изјави Гичевска.
Македонија се најде во пеколно тешка група со Франција, Холандија и Романија, но и на натпреварите против европскиот „крем“ на моменти покажа рамноправност.