• Иван Димовски
Ракометарите на Фуксе Берлин и Магдебург ќе се борат за трофејот во Лигата на шампионите. Првпат по 11 години повторно во „Ланксес Арената“ ќе се гледа германско финале во елитното натпреварување.
Пред една седмица „лисиците“ од главниот град на Германија го освоија трофејот во Бундеслигата, а сега имаат шанса да ги обединат двете најпрестижни клупски титули. И во германскиот шампионат Фуксе дојде до трофејот на „штета“ на Магдебург, па тоа ќе биде мотив за овој тим да се одмазди. Ќе биде дуел на екипи кои имаат по 12 победи во низа. Магдебург е без пораз на 19 натпревари, а последен пат загуби токму од Фуксе во Бундеслигата во март. Од друга страна, Фуксе Берлин кој исто така има 12 победи по ред не знае за неуспех на 22 натпревари од дуелот со Висла во февруари.
Фаворитската улога на овој натпревар му припаѓа на Фуксе Берлин, иако овој тим е дебитант на завршницата во елитното натпреварување. Убедливата партија во полуфиналето против Нант и покрај тоа што преку 50 минути беше без Матијас Гидсел. Магдебург, пак, одигра одличен втор дел против Барселона во кој се врати од негатива и на крајот имаше малку повеќе среќа за да слави победа.
Како увертира на германското финале кое се игра во 18:00 часот ќе биде мечот за бронза во кој ќе се судрат Барселона и Нант во 15:00.