• Горан Упале
Екипата на Магдебург е вториот финалист на неофицијалното Светско клупско ракометно првенство. Во второто полуфинале во Саудиска Арабија, бундеслигашот во финишот го надигра Киелце и со победата од 29-25 ќе го предивика Фуксе Берлин во големото финале.
Актуелниот европски шампион подобро го започна натпреварот, со два брзи гола го презеде водството и не го испушти во текот на целото прво полувреме. Но, Магдебург во тој период само еднаш имаше позитива од четири гола (9-5), додека во поголемиот дел од полувремето разликата беше два до три гола за германскиот тим.
На полувреме се замина со минимална предност на Магдебург од 15-14, а на стартот од вториот дел Киелце конечно израмни и потоа играше гол за гол. Сепак, во последните пет минути кога бундеслигашот одново влезе во ритам и ги реши сите дилеми околку победникот на натпреварот. Во финишот се влезе во 25-24, а до крајот на средбата Киелце не постигна ниту еден гол и така остана без борба за светскиот трофеј.
Во победничкиот тим се истакна Магнусон со шест гола, а еден помалку впишаа Муше и Клар. За Киелце се истакнаа Наи со шест и Алекс Душебаев со пет погодоци.