Германски новинар се потсети на Мате, неговиот бенд и „пеколната“ атмосфера во Битола

Пелистер Мате

„Пеколот во Битола“ на мечот меѓу Пелистер и Лемго е актуелен во последните неколку дена во Германија. Новинарот Саша Штат предизвика позитивни реакции со својот подкаст посветен на легендарното полуфинале во рамки од Купот на победниците на Куповите.

ПОВРЗАНО >>> Судијата кој мина низ „Пеколот во Битола“: „Свирнавме крај, па спасувавме живи глави...“

Во врска со атмосферата и самиот натпревар зборуваа неколку гости. Даниел Штефан доживеа вистински шок како член на гостинската екипа, а судијата Фриц Рудин раскажа за бурната реакција на „Чкембарите“ по конечниот резултат, кој беше во полза на бундеслигашот.

ПОВРЗАНО >>> Кошмарните спомени на Штефан: „По нас фрлаа со столчиња, не можев да спијам поради хаосот...“

Третиот соговорник на Штат беше единствениот германски новинар во салата, Јерг Хагеман. Тој гостуваше во Битола како дел од локалниот весник „Lippische Landes-Zeitung“, каде што работи и денес. Најголем впечаток за него беше легендарниот навивач на пелистерци Мате Шундовски и лавината луѓе кои се собраа пред салата „Младост“.

„Пред натпреварот атмосферата беше луда. Тоа беше национален празник. Имаше секакви министри во салата, со оглед на тоа дека земјата беше независна само неколку години. Натпреварот беше навистина важен за двете екипи.

Надвор имаше околу 10.000 луѓе кои чекаа некаков вид на јавно гледање. На момент излегов надвор да ги видам повторно. Кога се вратив внатре, се појави марширачки бенд, а диригентот имаше капа. Откако бендот престана да свири, тој ја отстрани капата и гулаб почна да лета низ салата. Гулабот леташе како луд затоа што долго беше заглавен под капата. Откако слета, беше фатен од навивач кој го уби гулабот со голи раце“, раскажа Хагеман.

Германската јавност е одушевена и во исто време шокирана од тоа што се случуваше во Битола пред 24 години. Тоа во денешно време е незамисливо, па нормална е носталгијата кај сите ракометни фанови кои беа сведоци на натпреварот и кај оние кои беа дел од истиот.

ФОТО: Jörg Hagemann