Германија посакува повторување на 2007 година, Норвежаните бркаат второ финале во низа

Германија Норвешка

Завршницата на Мундијалот во Данска и Германија ќе донесе полуфинални мечеви во кои ќе играат домашните репрезентации заедно со финалистите на претходниот светски собир, Франција и Норвешка.

Германците ќе имаат блага предност на дуелот против Норвежаните, бидејќи ќе играат пред домашната публика во Хамбург. Тоа ќе биде реприза од полуфиналето на Европското првенство пред три години, кое заврши во полза на германските репрезентативци. Меѓусебните дуели се на страна на избраниците на Кристијан Прокоп, кои се радувале пет пати, а ремизирале во два наврати и исто толку пати биле поразени.

Германците победија на шест меча и запишаа два порази во досегашниот тек од Светското првенство, а Норвешка има скор од седум триумфи и само еден неуспех, против домашната репрезентација на Данска.

Тоа ќе биде дуел на крилата Уве Генсхајмер на едната и Магнус Јондал на спротивната страна кои се на врвот на листата на стрелци на шампионатот. Големо влијание на конечниот исход на мечот ќе има и изданието на младиот Сандер Сагосен, кој е најдобриот норвешки ракометар. Тој е меѓу најдобрите голгетери, но и асистенти што секако ќе биде проблем за цврстата одбрана на германскиот тим.

Второто по распоред полуфинале е закажано во 20:30 часот во „Барклајкард Арена“ во Хамбург.