Германија ја декласира Австрија за „три од три“ во евро-квалификациите

Германија

Репрезентацијата на Германија ја запиша третата победа во квалификациите за Европското првенство. Денес Алфред Гисласон ја водеше екипата кон гостински триумф над Австрија (27-36).

Домашните ракометари парираа само во почетниот дел од мечот. Имаа дури и предност и одржуваат резултатски приклучок со фаворитот, но паднаа во завршницата од првото полувреме и му дозволија на ривалот да се одлепи. Австриските голмани немаа свој ден и потфрлија во воведниот дел (16-22).

Германците на момент се опуштија и ја испуштија високата разлика. Домаќинот се доближи на два гола, а потоа следуваше нов одговор на гостинските ракометари. Со серија од 12-4, тимот на Гисласон си го отвори патот кон нова победа во квалификацискиот циклус.

Шилер погоди единаесет шута од исто толку обиди и беше кошмар за австриската одбрана. Живковиќ и Фримел со по седум погодоци беа најистакнати кај домашната репрезентација. Австријците настапија без двајцата најдобри ракометари, Билик и Божовиќ, кои се повредени.

Германија е убедлива на врвот на табелата со перфектни три победи, па следува Австрија. Естонија и БиХ ќе се борат за воведни бодови на денешниот меѓусебен меч од 18:30 часот.