Германците претпазливи: Македонија ќе дојде со „армија“ фанови, мора да внимаваме

Домаќинот на Европското првенство во ракомет, кое ќе се одржи во јануари - селекцијата на Германија е еден од противниците на Македонија во групната фаза. Заедно со Франција и Швајцарија, ова е веројатно најтешката конкуренција на турнирот. 

По извлекувањето на групите за првата фаза на шампионатот, следеа многу анализи. Своите мислења за ждрепката и групата ги изнесе селекторот Алфред Гисласон. Покрај него, анализа на групата даде и претседателот на Ракометната федерација на Германија, Андреас Мичелман, кој кажа:

„Според фановите, не можевме да добиеме подобар противник за првиот натпревар. Сепак, за да одиграме важна улога на турнирот, мора да ја победиме Македонија, иако ја респектираме“. 

Нешто попретпазлив беше спортскиот директор Аксел Кромер, кој ја најави „инвазијата“ на македонски навивачи на турнирот. 

„Ова е тешка група, иако играме дома. Јасно беше дека ќе се судриме со гигант, па тоа е Франција. Но, Швајцарија и Македонија се одлични селекции. Македонија ќе пристигне со „армија“ одлични навивачи и голем ентузијазам за ракомет. Сметам дека групата ќе биде навистина интересна“, изјави Кромер. 

Македонија ќе отвори против Французите, а во второто коло игра со домаќинот Германија. Групната фаза се затвора против Швајцарија. Пласман во следната фаза би бил сензација, бидејќи само двете првопласирани одат понатаму.