Германците пресметаа: Кирил Лазаров е трет најдобар ракометар на СП!

Изминатото Светско првенство, кое за првпат се одигра во две земји, ги сруши сите рекорди и одново понуди ракометен спектакл во кој уживаа милиони фанови ширум Европа и светот.

Конечниот резултат донесе победа на Данска која се закити со првото злато на Мундијалите со убедливото издание во Хернинг против Норвешка. За МВП играч на турнирот беше избран Микел Хансен, кој воедно беше и најдобар стрелец со 72 погодоци.

Во „Ол-стар“ тимот на шампионатот немаше место за Кирил Лазаров, најдобриот ракометар на Македонија, кој повторно се најде меѓу најдобрите голгетери.

Меѓутоа, Факултетот за спортски науки во Бохум направи прецизни пресметки кои велат дека нашиот репрезентативец има трет најдобар коефициент на СП. Пред него се само данскиот бомбардер Микел Хансен (144,5) и Шпанецот Феран Соле (133,1). Лазаров заостанува за нијанса зад шпанското крило со коефициент 130,2.

Алгоритмите кои ги користи факултетот прават конечна пресметка со помош на позитивни и негативни страни од играта на ракометарите. На позитивната страна се наоѓаат постигнатите голови, асистенциите, украдените топки, блоковите во одбрана и изнудените пенали. На негативната страна, пак, се промашувањата, техничките грешки, загубените топки, направените пенали, суспензиите од две минути и црвените картони. Исто така во пресрет излегуваат бројот на одиграни натпревари и минути на светскиот собир.

Најдобрата оценка за еден одигран натпревар му припадна на Хансен кој со 12 гола блесна во полуфиналето против Франција и доби коефициент 34,8.