• Зоран Мишевски

Германската ракометна репрезентација ја спаси честа и ќе игра за петтото место на Европското првенство во Австрија, Шведска и Норвешка. Во клучниот натпревар за третото место во виенската група, Германија ја совлада Австрија со 22-34 (16-13) и со сигурност ќе го подобри пласманот од пред две години во Хрватска.
Ајсбергер почна во голем стил, одбрани неколку зицери и носени од Билик и Божовиќ, Австријците први повлекоа чекор и поведоа со 4-2 во седмата минута. Кон средината на полувремето, момците на Пајовиќ заработија двојно исклучување и Рајхман од седмерец израмни на 7-7.
Волф му одбрани седмерец на Вебер, а Кохлбахер во 22. минута првпат донесе германско водство (10-11). Се разиграа германските бекови и кога Бем погоди за 12-15, Пајовиќ во 27. минута побара минута одмор. Германците се разгоропадија, Битер одбрани неколку топки и со лесни голови на крила, фаворитот на одмор замина со 13-16.
Како што заврши првиот дел, така започна и вториот и Шмит погоди за највисоки +5 во 33. минута. Германската одбрана ги „стопи“ австриските бекови и предноста порасна до седум гола во 38. минута. Скоро сите ракометари на Прокоп се запишаа меѓу стрелците, погодија Гола и Кастенинг и на половина од вториот дел веќе беше 18-25. Со половина полувреме во кое се играше без одбрани, Германија ја потврди победата и на крајот на семафорот стоеше 22-34.
Најефикасни во австрискиот тим беа Билик со пет и Пош со четири гола, а кај Германија се истакнаа Кастенинг со шест и Рајхман со пет гола. Ветеранот Јоханес Битер на голот на Германија собра 15 интервенции. Натпреварот одлично го водеа македонските судии Николов и Начевски.