Георгиевски: Вардар го покажа вистинското лице по лошото полуфинале

Капитенот на Вардар, Гоце Георгиевски го сподели својот став за финалето во Купот на Македонија против Еурофарм Пелистер (31-27). Искусното крило ја нагласи тежината на натпреварот, а го најави и клучниот дуел во Суперлигата следниот викенд.

„Тешко беше како секое финале, особено кога имате ривал како Пелистер. Одигравме максимално квалитетен натпревар, водевме во текот на сите шеесет минути и не им дадовме да се доближат. Покажавме зрелост во играта, мислам дека вчера со Алкалоид имавме лош ден, а сега покажавме поинакво лице. Се боревме пред се во одбраната, имавме расположен голман, нападот добро функционираше и заслужено славевме. Вардар е убедливо најтрофеен клуб.

За шест дена не очекува уште еден исклучително тежок натпревар, можеби и потежок. Ја посакуваме титулата, играме пред домашните навивачи и се надевам ќе прикажеме добра игра и го вратиме пехарот“, изјави Георгиевски.

Вардар по седумнаесетти пат го освои трофејот во Купот на Македонија и е апсолутен рекордер, а деветти пат во финалето го победи Еурофарм Пелистер.