Георгиевски: Тешко ќе ја составиме екипата, но очекуваме позитивен резултат

Првиот меч во новата година Вардар 1961 ќе го одигра на домашен терен. Противник ќе биде српска Војводина, која речиси секога лошо поминувала на гостувањата во Скопје.

Гоце Георгиевски го најави овој натпревар како увертира за она што следува во густиот распоред наредниот месец.

„Дуелот со Војводина доаѓа по два месеци без официјален натпревар. Се подготвуваме како и за секој друг натпревар. Малку сме редуцирани без репрезентативците, потешко е да ја составиме екипата. Најважно е што сите сме здрави и никој не е повреден.

Војводина е добар и квалитетен противник. Немаме многу материјал за анализа. Од она што знаеме се работи за квалитетен противник. Ако го примениме она што го правиме на тренинзите, очекува да извојуваме победа. Тоа ќе ни биде увертира за пеколното темпо што ни следува во февруари. Ако останеме здрави може да се надеваме на добри резултати“, рече десното крило.

Вардарци се фаворити и се очекува да остварат победа, меѓутоа отсуствата би можеле да донесат поголема неизвесност на овој меч.