Георгиевски: Скапо нè чинеа последните десет минути против ПИК Сегед

Во името на Вардар по поразот од ПИК Сегед (26-28) говореше Гоце Георгиевски. Ракометарот на „црвено-црните“ истакна дека последните десет минути во кои се промашиле зицери и пенали скапо ги чинеле вардарци.

„Честитки за ПИК Сегед. Ова беше многу тежок меч. Игравме добро, посебно во првиот дел. Одбраната и нападот функционираа. Во вториот дел противникот ја поправи играта, а во последните десет минути промашивме шутеви, загубивме концентрација и тие победија. Но, ова е спорт, сега гледаме на следниот меч за неколку дена и се надевам дека ќе бидеме подобри и дека ќе победиме“, изјави македонското крило.

Вардар има седум одиграни меча во Лигата на шампионите, а ова беше петти пораз во новата сезона и тимот е на последното место. Следен меч за избраниците на Стевче Алушовски ќе биде воедно шанса за реванш, затоа што се гостува кај ПИК Сегед во Унгарија (18 февруари).