Георгиевски: Ривалите се за почит, но не сме без шанси во групата

Гоце Георгиевски, крилото кое настапува за Вардар, ќе игра на ново големо натпреварување со репрезентацијата на Македонија. Следен предизвик ќе биде ЕП 2022, а ждрепката посака да не спои со стари познаници.

Данска, Словенија и Црна Гора се ривалите на нашиот национален тим на овој континентален собир. Данците ни беа ривали во квалификациите, додека со другите два тима игравме на првенството во 2018 година.

„Лесни и тешки групи на ЕП нема. Сите репрезентации кои што играат се квалитетни, секој ривал е за почит штом е на овој настан. Сите противници кои ги добивме во групата ни се познати. Со Данците игравме во квалификациите, со другите два ривали во 2018 година. Секако дека групата е доста тешка, но ние треба да мислиме на нас и добро да се подготвиме тактички, технички и да се бориме на терен за секоја топка. Ќе дадеме се од себе да дојдеме до посакуваните резултати. Секако дека во оваа група не сме без шанси“, ни изјави Георгиевски.

Македонија натпреварите ќе ги игра во Дебрецен. Првенството се игра стандардно, кон средината на месец јануари 2022 година.