Георгиевски постигна седум гола во поразот на ЦСМ Букурешт од Стеауа

Гоце Георгиевски и неговиот ЦСМ Букурешт, во вториот полуфинален натпревар од шампионатот на Романија се поразени од Стеауа со 25-28 по изведувањето на седмерци, откако мечот во регуларниот дел заврши 24-24. Сега полуфиналната серија е израмнета на 1-1 и патникот во финалето ќе се бара по „мајсторката“, која ќе се игра на теренот на Стеауа.

Нашиот репрезентативец беше најефикасен кај тимот на ЦСМ Букурешт со седум гола, но на крајот тие голови се покажаа како недоволни за заверување на пласманот во финалето, по првата победа на гостински терен со 21-25. Кај победничкиот тим Георгеску и Флореа постигнаа по четири гола.

Победникот од „мајсторката“ за противник во финалето ќе го има тимот на Динамо Букурешт, кој во два натпревари ја елиминира Турда.