Георгиевски: Победата и пласманот на ЕП за мене се среќен крај

Гоце Георгиевски стави крај на богатата и долга репрезентативна кариера, откако се прости од националниот дрес со победа над Турција (30-27) на крајот на квалификациите за Европското првенство. Популарниот Џомба по триумфот имаше емотивна епизода, соиграчите го кренаа на раце и го поздравија неговиот придонес за репрезентацијата. 

По натпреварот, Георгиевски го анализира одиграното, а повика и на трпеливост со младите ракометари кои настапуваат за Македонија. 

„За мене овој последен натпревар беше полн емоции. Имав мал притисок да извојувам последна победа и да прославиме нов пласман на Европското првенство, како среќен крај за мене во репрезентативниот дрес. Задоволен сум од резултатот, а благодарен сум и на навивачите кои дојдоа заедно да прославиме. 

Оваа репрезентација има промена на генерации, потребно е трпение од целата македонска јавност. Претходно за Македонија играа да кажам великани на македонскиот ракомет, па потребно е трпение за овие деца“, прокоментира Георгиевски. 

Од 2007 година Георгиевски ги бранеше репрезентативните бои, беше дел од најуспешната генерација во нашата историја, но сега дојде време за повлекување.