• Зоран Мишевски
Норвежаните се максимално анализирани. Нашите ракометари ги знаат карактеристиките на нивната одбрана, голманот ветеран Еревик, крилата кои погодуваат од мали агли и други детали. Од тактичка гледна точка денешниот противик нема со што да нѐ изненади.
„Ги гледавме натпреварите на Норвешка и добро знаеме за каква репрезентација станува збор. Млади се и имаат квалитетни поединци. Даваат „лесни“ голови од полуконтранапади, крилата шутираат од мали агли. Норвешка е збир на квалитетни поединци и треба добро да се подготвиме за тој дуел. Мора да го намалиме бројот на замени одбрана-напад, за да не им дадеме предност при брзата конструкција на нападите. Ние ќе одиме на победа, и денес и на последниот дуел со Белорусија. Добро е со две победи да го завршиме шампионатот и да го поправиме впечатокот“, истакна Георгиевски.
Младиот ракометар на Тулуз очекува конечно да се израдуваме на првата победа во Полска и со таков епилог да ја пречекаме средбата со Белорусија како фаворити. Во најдоброто можно сценарио можеме да завршиме на деветтото место, што би бил втор наш најдобар резултат на европските првенства, по петтото место во Србија пред четири години.