• Зоран Мишевски

Единствениот македонски интернационалец кој настапува во француската лига е Гоце Георгиевски. Токму нашето крило е веројатно најактуелнo за француските новинари, а воодушевува неговата стабилност и смиреност пред вака значаен натпревар.
„Не треба да се оптеретуваме со Французите, треба да ја гледаме многу повеќе нашата игра. Франија е светска велесила, па сега се поставува прашање дали почнуваат тактички споро на првенствата, а потоа додаваат енергија или тоа е само случајност. Тоа не треба да нè интересира, треба да ги гледаме нашите редови. Ако го продолжиме континуитетот од подготвителните мечеви, на добар пат сме на ова првенство. Со добар пристап можеме до поволен резултат“, рече на средбата со новинарите Гоце Георгиевски.
Четвртиот меѓусебен натпревар на Франција и Македонија, а трет официјален, се игра утре од 18.00 часот и е втор меч кој ќе се одигра на европското првенство, веднаш по дуелот на Хрватска и Белорусија два часа порано во Катовице.