Георгиевски: Имаме повеќе победи од Црна Гора, ама мора да се поправиме

Еден од најискусните играчи во составот на Македонија е крилото Гоце Георгиевски. Ракометарот на Вардар 1961 на брифингот на медиуми даде коментар и го најави мечот против Црна Гора, кој, според него, мора да биде со помалку технички грешки од оној против Словенците на кој доживеавме пораз (27-25).

„По загубен натпревар нормално е да има разочарување. Мислам дека треба да извадиме позитивна поука, бидејќи одигравме добар натпревар. Можеби не беше квалитетно од двете страни, имаше многу грешки, но ние сме млада транзициска репрезентација. За многу репрезентативци ова се први искуства на вакви натпреварувања и мислам дека сме на прав пат. Не треба да нè разочарува овој пораз, треба да гледаме само напред. Нема многу време за подготовка и анализа, но ист е третманот за сите селекции. Не се сомневам дека добро ќе се подготвиме, денес ќе имаме и тренинг и ќе бидеме спремни. Ќе биде тешко и против Црна Гора, посебно заради тоа што не знаеме каков им е составот. Секако дека повеќе ни лежат отколку во минатото. Имаме повеќе победи против нив“, изјави Георгиевски.

Македонија повторно ќе игра во попладневниот термин. Натпреварот против Црна Гора е закажан на 15 јануари, со почеток од 18:00 часот.