Георгиевски: Добивме лекција пред плеј-офот што не треба да правиме

Вардар со голема победа кај ГРК Охрид ги заокружи гостинските натпревари во регуларниот дел на Суперлигата, а триумфот добива на тежина затоа што „црвено-црните“ се вратија од шест гола негатива. Со тоа се согласува Гоце Георгиевски, кој кажа дека на овој дуел мора да се гледа како лекција пред плеј-офот.

„Мечот против Охрид беше еден тежок натпревар, ние и очекувавме дека ќе биде така. Охрид е сепак квалитетен тим, од меч во меч покажува дека се работи за добра екипа. Противникот ја заслужи повеќе победата, водеше цел меч, но во спортот има такви натпревари каде не играш добро, ама на крајот победуваш и тие победи се слатки. Овој меч ќе ни биде добра лекција пред плеј-офот, како не треба да влегуваме во мечот и на крајот да се спасуваме за победа.

Пресудија неколку фактори, Гогов фати важни топки, во напад почнавме да играме поконсолидирано, нормално и во одбраната. Пресудно беше и што во последните седум до осум минути повеќе ја посакувавме победата. Охрид се загуби, не знаеше како да го води резултатот, ние дадовме брзи голови. Ова е големината на Вардар, кога добива вакви натпревари кога не е на ниво.

Во регуларниот дел ни следи уште еден меч, ги поканувам сите да дојдат со Струга да ни дадат поддршка пред плеј-офот и да го заокружиме овој дел со победа“, изјави Георгиевски.

Вардар во плеј-офот ќе пренесе еден бод заедно со Алкалоид, додека Еурофарм Пелистер ќе пренесе два бода заради лидерската позиција на табелата.