• Иван Димовски
Екипата на Алкалоид славеше убедлива победа над Радовиш (46-21) и го одигра најефикасниот натпревар сезонава. Првпат тимот на Лазаров надминува граница од 45 гола, а на овој дуел пак се промовираа две млади имиња.
Се работи за двајцата кадетски ракометари Максим Гарбески и Марко Ковачевиќ. 16-годишните имиња добија шанса од Лазаров на овој натпревар да играат прволигашки ракомет на сениорско ниво и дадоа голови за Алкалоид.
Поголема улога имаше крилото Максим Гарбески за кого ова е втора сезона како добива шанса во Суперлигата. Лани тој против Куманово даде шест гола, додека оваа сезона како 16-годишник против Радовиш постигна седум гола.
Марко Ковачевиќ, пак, во последните минути ја доби топката од капитенот Игор Ѓорѓиев да шутира пенал и успеа да реализира во мрежата на противникот.