• Горан Упале

Ракометарите на Рубен Гарабаја се главните „виновници“ што наместо дерби, денес во Битола шампионот Еурофарм Пелистер извојува рутинска победа над Охрид и им се врати на победите во Суперлигата, по поразот од Вардар 1961 во средата.
Шпанскиот стратег на клупата на „зелено-белите“ остана смирен на земја и покрај триумфот од шест гола разлика (33-27).
„Сакавме да го покажеме нашиот квалитет. Сакавме да покажеме дека мечот со Вардар беше само еден инцидент и успеавме во тоа. Ама мора да бидеме внимателни по овој резултат, затоа што Охрид имаше повредени играчи, останаа и без важен играч заради црвен картон. Исто така и нашиот голман Митревски беше далеку подобар од нивниот. Среќен сум, но мора да бидеме внимателни како што кажав и да имаме во глава дека мечот со Вардар не ни беше многу добар, но и овој со Охрид не беше толку перфектен.
Имаме долга сезона, со многу мечеви. Оваа седмица беше луда со многу тешки мечеви. Календарот е таков каков што е, не можеме да направиме ништо околу тоа, затоа ги користам сите ракометари кои се на располагање и сите ја добиваат својата минутажа. Целам сите да се спремни, за да ги подготвиме мечевите на вистински начин“, ни изјави Гарабаја.
Еурофарм Пелистер веќе за три дена гостува во Полска кај Висла, додека следен ривал во Суперлигата му е Тиквеш.








