Гарабаја: ПСЖ има супер-тим, но можеме да му создадеме големи проблеми

Рубен Гарабаја пред натпреварот на Еурофарм Пелистер против ПСЖ изјави дека неговите избраници треба да се фокусираат на позитивен резултат и да му создадат големи проблеми на фаворитот. 

Битолчани одлично ја започнаа Лигата на шампионите и првпат во историјата го совладаа Загреб, а сега одат на нова епска пресметка во „градот на светлината“. 

„Мораме да се фокусираме на самите себеси, за да напредуваме секојдневно. Треба да се фокусираме на добрите страни на ПСЖ и да го дадеме најдоброто од себе. Да се обидеме да бидеме ефективни и ништо да не му биде лесно на ривалот. ПСЖ има супер-тим, со супер-ракометари и одличен тренер.

Добро е што играме со нив на почетокот на сезоната, бидејќи секојдневно ќе напредуваат. Во Париз нема да ги имаме нашите навивачи, нашиот осми играч, но сигурно ќе ја почувствуваме нивната поддршка“, изјави Гарабаја. 

Натпреварот помеѓу ПСЖ и Еурофарм Пелистер ќе се одигра в четврток со почеток во 20:45 часот.