Гарабаја: Навивачите ќе видат борбен и желен за победа Еурофарм Пелистер!

Тренерот на Еурофарм Пелистер, Рубен Гарабаја, ги изнесе своите очекувања за претстојниот предизвик против ПИК Сегед, кој пристигнува во Битола во рамки на седмото коло од Лигата на шампионите на ЕХФ. 

Унгарскиот претставник досега забележа скор од три победи и три порази, што отвора надеж за нов успех на македонскиот шампион, иако е јасно дека гостинскиот тим доаѓа со фаворитската улога. 

„Ни следи нов тежок меч во Лигата на шампионите, Сегед е одличен тим со неверојатни играчи на сите позиции. Одбраната им е гранитна, шутираат од секаде, особено од далечина. Во екипата е еден одличен голман и можеби едно од најдобрите крила во натпреварувањето, но ние ќе се обидеме да им ги поматиме сметките. 

Се надевам дека тимот наскоро ќе биде комплетен, тоа ќе биде одлично за нас. Против ПИК Сегед ќе го дадеме нашиот максимум, мојата порака до фановите е дека ќе видат борбен тим со желба за победа“, изјави Гарабаја. 

Македонскиот шампион ќе ја бара втората победа сезонава во елитното натпреварување. Натпреварот против ПИК Сегед ќе се одигра на 12 ноември во 20:45 часот.