• Иван Димовски
Две победи, едната убедлива, а втората не толку, ама целта на Алкалоид е исполнета - осминафинале во Европскиот куп на ЕХФ. Скопскиот тим вторпат ја совлада Вест Виена (29-32) во салата „Автокоманда“ и се чекира меѓу шеснаесетте најдобри.
По втората победа на средбата со медиумите се обрати голманот Иван Галевски.
„Ова беше едно огромно искуство за нас, против себе имавме одлична екипа. Во 24 часа да одиграш два меча со противник не е лесно. Ние зад нас оставивме тешка недела во домашното првенство, но благодарение на стручниот штаб добро бевме подготвени за Вест Виена. Имавме задача, се израдувавме на две победи и така патуваме во следната фаза на Европскиот куп на ЕХФ“, смета младиот голман.
Алкалоид во извлекувањето за фазата на шеснаесет најдобри екипи многу веројатно нема да биде носител, а ривалот ќе го дознае во вторник.