• Иван Димовски

Ракометната репрезентација на Македонија до 20 години ја победи Франција (29-30) и ја освои деветтата позиција на Европското првенство. Во драматична завршница, во која и судијките имаа своја улога, избраниците на Раде Стојановиќ дојдоа до голема победа, а херој беше голманот Иван Галевски.
Судијките на секунда до крајот му покажаа црвен картон на Дамјан Митев, а исто така и досудија пенал за Франција. Сепак, дека е пенал-мајстор одново покажа голманот на Алкалоид. Галевски успеа да ја добие психолошката битка и го одбрани лошиот шут на Французинот.
Таа одбрана беше вредна минимална победа во натпреварот, а со тоа Македонија се одмазди за поразот од пред три дена. Со овој триумф нашите ракометари го обезбедија деветтото место на континенталниот собир.
Македонија забележа само еден пораз на Европското првенство, во групата за пласман против Французите, а поради новиот формат остана без шанса да се бори за висока позиција.