Галевски: Немав лоша намера со прославата, покажав голема емоција!

Младиот голман на Алкалоид, Иван Галевски, по победата над АЕК во Атина изјави дека тимот бил крајно мотивиран за добар резултат, воедно истакнувајќи дека сите биле свесни за тензичноста на натпреварот. 

Избраниците на Кирил Лазаров одиграа одлично и обезбедија предност од четири гола пред реваншот (25-29), а Галевски беше еден од хероите и одбрани дури пет седмерци на противничките играчи (пет од шест обиди), а мечот го заврши со вкупно девет интервенции. 

„Пресуди нашата физичка спремност и тактичка. Влеговме со ладни глави максимално и тоа за нас ни донесе успех на мечот. Чувството е непроценливо да се брани добро во ваква атмосфера, со 20 години играм европско финале и тоа ми е чест и задоволство. Имаме тимска хемија, имаме уште 60 минути дома и се надевам јавноста ќе не поддржи. Без разлика со кого играме јас се спремам исто. Со ладна глава. Околу прославата, покажав голема емоција, но не беше ништо со лоша намера, само дел од спортот“, изјави македонскиот голман

„Фармацевтите“ заминуваат на мал и заслужен одмор, а веќе од утре ќе се подготвуваат за најголемиот предизвик во клупската историја. Реваншот од финалето со АЕК ќе се одигра на 25 мај во Скопје.  

<<< - ПОВРЗАНО - Пенал-мајсторот пак на дело: Галевски фати пет седмерци за полувреме во Атина! (ВИДЕО)