• Мартин Танасковски

Некогашниот македонски ракометен првак ЖРК Вардар се враќа на европската ракометна мапа. „Црвено-црните“ по три години повторно ќе играат во куповите на ЕХФ, а предизвик ќе биде новоформираниот Европски куп каде ривал ќе биде Приштина.
Една од најдобрите ракометарки на тимот, Марија Галевска, говореше за натпреварот и истакна дека еден од најмладите тимови во Суперлигата има квалитет да се надигрува со противникот од Косово.
„Добро се подготвувавме во последните седмици за мечот против Приштина. Противникот не го познаваме, првпат ќе играме против него. Се враќаме на европската мапа како ЖРК Вардар и ќе направиме се да пројдеме во следната фаза. Имаме реални шанси да минеме понатаму, верувам во тимот, но ќе видиме што ќе биде и што ќе ни следува. Мора да бидеме фокусирани од почетокот до крајот и на двете средби. Имаме еден добар тим и четири победи во лигата иако сме една од најмладите екипи во Суперлигата. Добро стартувавме со ЖРК Ѓорче Петров и со Металург, тие две стартни победи ни беа мотив за понатаму да ги добиеме наредните два меча“, изјави Галевска.
ЖРК Вардар и Приштина првата средба ја играат во Косово на 16 октомври од 17:00 часот, додека реваншот е на 23 октомври во Скопје.