Гачевиќ: Со поддршка од трибините можеме до победа над Охрид

Екипата на Тиквеш во вистински момент влезе во посакуваниот ритам и со две врзани победи се искачи во зоната за плеј-оф. Но, момците на Грчевски до крајот на годината треба да одиграат уште два тешки натпревари и тоа против екипи од горниот дел на табелата. Првиот го играат пред својата публика против тимот на Охрид.

„Во сабота нè очекува натпревар против Охрид кој е многу важен за нас и за кој очекувам квалитетна и добра игра. Верувам дека нашата екипа ќе го даде максимумот на терен и ќе покаже карактер и желба потребна за победа, секако со поддршка од нашата публика и нашите навивачи „Лозари“ кои се надевам дека во што поголем број ќе ни бидат ветер во грбот, во борбата за победа“, истакна Спасоје Гачевиќ. 

По овој дуел, кој се игра в сабота, кавадарчани ќе гостуваат кај лидерот Алкалоид.