Фуриозен финиш на Металург, победа против Стеауа среде Букурешт

Македонскиот вицешампион Металург ја запиша втората победа во СЕХА лигата, откако попладнево во Букурешт ја совлада Стеауа со 26-28 (12-11). За македонскиот претставник дебитираше Дупјачанец, кој подоцна се испостави како една од најсветлите точки во натпреварот.

За разлика од првиот дуел во Скопје не настапија голманите Станеску и Даниловски. Натпреварот започна тврдо, со серија на грешки и четири изедначувања по ред. Танкоски и Шилегов првпат донесоа предност за гостите во 12. минута, но Романците веднаш реагираа. 

Вегар и Георгеску беа автори на серијата на 4-1 и во 25. минута Стеауа поведе со 11-9. Со таа инерција првиот дел заврши со минимални 12-11 за романскиот претставник во СЕХА лигата. 

Почетокот на вториот дел го одбележа младиот домашен голман Мерла, кој покрај серијата одбрани, постигна и еден гол. Дупјачанец беше најсветла точка во македонскиот тим, а изненадувачки беше серијата на промашувања во моментите кога Стеауа не блескаше. 

Брестовац повика минута одмор во 48. минута при 21-17. Танкоски се обиде да го врати својот тим во натпреварот и по два гола на гостите, Овидиу повика тајм-аут. На секое доближување на „бело-црните“, одговараше крилото Флореа и со неговиот шести гол, пак Стеауа резултатски побегна. 

Сепак, Пучник и Шилегов од седмерец возвратија и во 57. минута Металург израмни на 25-25. Ризичната игра седум на шест, на Романците им се одби од глава и Танкоски погоди на празна мрежа за 25-26. Романците ги фати нервоза и Серафимов реализираше за +1 во последната минута од натпреварот. Вегар го пропушти последниот напад и Лазаревски од отпадок ги постави финалните 26-28 за голема победа за младиот Металург.

Најефикасен во тимот на Стеауа беше Флореа со шест погодоци, а кај Металург се истакнаа Танкоски со девет гола и Дупјачанец со 13 интервенции. Ова е втора победа во 13 СЕХА-натпревари за екипата на Брестовац. Веќе в среда македонскиот вицешампион гостува во Србија на теренот на вицешампионот на нашиот северен сосед, Железничар од Ниш.