„Фуријата“ го декласира уморниот и недораснат Бразил

Репрезентацијата на Шпанија ги приземји залетаните Бразилци и со победата од 36-24 (19-13) ги отпиша од борбата за медалите. „Фуријата“ која настапи без Штербик многу полесно од предвиденото го „скрши“ отпорот на „кариоките“. Бразилците делуваа уморни и испразнети по вчерашниот подвиг против Хрватска.

Шпанија одлично го започна натпреварот, Феран Соле постигна три гол и веќе во деветтата минута резултатот гласеше 6-2. Вашитгтон Силва повика тајм-аут, откако Соле со петтиот гол зголеми на +5 во 13. минута.

Бразилците се разбудија и со серија 3-0 намалија на 10-6 на половина од првиот дел. Сепак, следеа два гола на Кањељас, по еден на Агинагалде и Анхел Фернандез и на одмор се замина со убедливи +6 за европскиот првак.

Не можеше полошо да почне вториот дел за ракометарите од Јужна Америка и кога Алеиш Гомез и Кањељас погодија, веќе беше +9 и нов минута одмор за бразилскиот стручен штаб. Жорди Рибера комплетно го смени тимот и лесно „фуријата“ го приведе натпреварот кон крај до финална победа од дури дванаесет гола.

Најефикасни во шпанската репрезентација беа Арињо и Соле со по шест гола, а кај Бразил се истакнаа Лангаро и Нантес со по четири постигнати погодоци. Вечерва во главната групна фаза во Келн се среќаваат Хрватска и Германија.