Фуксе Берлин сигурен со Кадетен, Нексе на Вујо одново немоќен против РНЛ

Ракометарите на Фуксе Берлин одново немаа проблеми против Кадетен Шафхаузен и сосема заслужено обезбедија пласман во четвртфиналето во Европската лига на ЕХФ. Бундеслигашот и актуелниот бранител на трофејот во второто по ранг натпреварување на ЕХФ забележа уште една рутинска победа против првакот на Швајцарија, овој пат пред своите навивачи со 34-28. На првиот натпревар резултатот беше 23-32 за германскиот тим.

„Лисиците“ својата задача ја завршија уште во првите триесет минути, во кои целосно го надиграа противникот и на полувреме заминаа со високи седум гола разлика (18-11).  

Во четвртфиналето Фуксе Берлин ќе се судри со Нант, екипата која што обезбеди директно учество меѓу најдобрите осум екипи во ова натпреварување.

Покрај тимот од Берлин во четвртфиналето ќе го гледаме и Рајн Некар Левен, кој исто како и бундеслигашкиот ривал извојува победа и на второто соочување со Нексе Нашице на Веселин Вујовиќ. Во Нашице беше 19-24, додека вечерва „лавовите“ славеа со 31-29 и така закажаа двомеч со Спортинг.