• Мартин Танасковски

Екипата на Фуксе Берлин ја оправда големата фаворитска улога и дома ја победи Фредериција (36-29) која е еден од двата ривали на Еурофарм Пелистер во борбата за пласман во следната рунда на Лигата на шампионите.
„Лисиците“ доминираа, ги освоија бодовите и скокнаа на второто место на табелата во Групата А од ракометната елита. По првиот дел беше 18-14 за бундеслигашот, па вториот дел се покажа само како рутина.
Блескаше данското дуо кај „лисиците“ - Андерсон даде 11 гола, а Гидсел додаде уште осум, додека кај Фредериција, Мартинусен имаше седум, а Певнов и поранешниот пелситерец Табоада погодија по пет пати.
Сигурно славеше и унгарски Веспрем, кој со 33-26 ги освои бодовите на гости кај романски Динамо Букурешт. Фаворитот водеше од почетокот до крајот и во ниту еден момент немаше драма. За Динамо, ова беше четврти пораз по ред.
Најдобар стрелец кај Веспрем беше Дескат со девет гола, Сандел и Фабрегас имаа по пет, а кај Динамо Букурешт, Лангаро погоди пет пати, а Акименко и Вујовиќ имаа по четири гола.