Фуксе Берлин не виде мака со Фредериција, последната секунда кобна за Нант во Сегед

Ракометарите на Фуксе Берлин ја остварија втората победа во групата А од Лигата на шампионите, откако попладнево славеа на гостувањето вп Данска кај Фредериција со 32-38. 

Домашниот состав одигра квалитетно прво полувреме и се одржа во егал против фаворитот (17-17), но во вторите триесет минути дојде до израз квалитетот на Германците, кои етапно и рутински го приведоа натпреварот кон крајот. 

Фуксе Берлин двапати имаше највисоки +6, па до крајот ја одржа предноста и славеше со 32-38. Најефикасни во победничкиот состав беа Данците Ласе Андерсон и Матијас Гидсел со осум, односно седум голови, додека кај домашниот тим најдобар поединец беше Германецот Евгени Певнов со шест погодоци. 

Многу понеизвесен натпревар одиграа ПИК Сегед и Нант, а на крајот победата им припадна на домашните ракометари кои славеа во трилер-завршница со голот на Ришард Бодо (33-32). На паузата меѓу двете полувремиња Унгарците имаа предност од 16-14, а во вториот дел Нант прикажа одлична игра, но недоволна за бод од незгодното гостување. 

Фримел и Шоштариќ забележаа по шест погодоци во унгарскиот состав, додека Шпанецот Валеро Ривера беше најефикасен играч кај Нант со вкупно десет голови зад своето име.