Фуксе го прегази Рајн Некар и ќе го брани пехарот во Европската лига!

Ракометарите на Фуксе Берлин ќе го бранат трофејот во Европската лига на ЕХФ, откако славеа на дуелот против Рајн Некар Левен убедливо со 24-33 (9-14). Натпреварот во „Барклајс Арената“ во Хамбург понуди перфектна партија на тимот од Берлин, кој на убедлив начин се пласира во ново финале во второто по ранг европско натпреварување. 

Интересно, екипата на Рајн Некар влезе добро во натпреварот и по воведната минимална негатива беше во добар ритам. Водеа „лавовите“ од Манхајм во три наврати со по два разлика (6-4), меѓутоа тогаш влегоа во црна серија. Фуксе уфрли во брзина повеќе, па од моментот кога губеше со два гола направи серија од 10-2 и со сигурна предност замина на одморот (9-14). 

Ниту во второто полувреме Рајн Некар Левен не успеваше да се консолидира, па предноста продолжи да расте. Откако на семафорот стоеше 15-19, Фуксе врза шест гола во низа и првпат поведе двоцифрено (15-25). До крајот тимот од Берлин рутински ја одбрани предноста за победа и пласман во ново финале. 

Со по седум гола во победничкиот табор се истакнаа Андерсон и Гидсел, додека исто толку даде и Јури Кнор од Рајн Некар.