• Мартин Танасковски
Екипите на Киелце од Полска и Веспрем од Унгарија ја заокружија денешната програма во ракометната Лига на шампиони со победи.
Фуксе Берлин на домашен терен се соочи со Веспрем и загуби со резулат 31-32. По првото полувреме резултатот беше 16-16, а потоа бундеслигашот си ја искомпликува судбината кога на Веспрем му дозволи да се одлепи 26-31. Иако на крај Германците дојдоа на минус еден (31-32), Коралес стапи на сцена и ја сочува победата на Веспрем. Ремили имаше симултанка со 11 гола кај Веспрем, пред Фабрегас со пет, а кај Фуксе, не помогна десетката на Гидсел.
Киелце ја оправда фаворитската улога и пред својата публика го доби хрватски Загреб (30-23) кој даваше голем отпор во првото полувреме. Екипата на Талант Душебаев си ја заврши задачата во вторите 30 минути затоа што на паузата беше 13-13. Карачиќ со пет гола беше најдобар кај Киелце, пред Душебаев и Каралек со по четири гола, а кај Загреб, Кларица и Кос погодија по пет пати.
Во следната рунда на Лигата на шампионите, Киелце ќе гостува кај Нант, Загреб ќе му биде домаќин на Алборг, додека од вториот пар, Фуксе Берлин гостува кај Еурофарм Пелистер, а Веспрем игра дерби со ПСЖ.