Фуксе Берлин плаќа отштета за трансфер на ракометар на Еурофарм Пелистер

Од порталот „Handballia" пристигна изненадувачка вест дека можен е сензационален трансфер на Словенецот Нејц Цехте, кој би преминал од редовите на Еурофарм Пелистер во германскиот гигант Фуксе Берлин. 

33-годишниот словенечки интернационалец е сè уште член на македонскиот шампион, но германскиот гигант е подготвен да му плати отштета за трансферот на битолскиот клуб. 

Цехте има искуство од Бундеслигата, каде четири сезони го носеше дресот на Хановер. Овој евентуален трансфер, заедно со преминот на Алекс Влах во Киелце, несомнено е една од најголемите словенечки „бомби“ во последните 2-3 сезони. 

Цехте е ракометар со огромно искуство во Германија и Словенија, а една година беше дел и од тимот на ГОГ Гудме. За репрезентацијата на Словенија има постигнато 146 гола на 82 одиграни натпревари.