Фуксе Берлин патува на клупскиот Мундијал без искусниот Андреас Паличка

Фуксе Берлин доживеа сериозен удар пред почетокот на Светското клупско првенство, откако искусниот шведски голман Андреас Паличка заработи повреда на раката.

Паличка се повреди на натпреварот против Бергишер, кој Берлин убедливо го доби со 37-26. Во еден момент голманот заработи длабока исеченица на раката, поради што натпреварот мораше да биде прекинат. На теренот имаше значителна количина крв, па беше потребно време за да се санира повредата и да се исчисти игралиштето.

По натпреварот, спортскиот директор на Берлин, Боб Ханинг, откри дека повредата ќе го оддалечи Паличка од терените до три недели. Тоа значи дека германскиот тим ќе мора да настапи без својот искусен голман на Светското клупско првенство, кое започнува следната недела во Египет. За Берлин ова е сериозен проблем, бидејќи Паличка е еден од најискусните ракометари во составот, а по неговата повреда на голманската позиција останува само Ласе Лудвиг.

Фуксе Берлин во Египет ќе отпатува со значително намалени опции меѓу стативите, во момент кога го очекува едно од најпрестижните натпреварувања во клупскиот ракомет.