Фуксе Берлин не се ни испоти, со половина сили го „прегази“ кувајтски Бурган

Германскиот гигант Фуксе Берлин со убедлива победа го отвори своето учество на Светското клупско првенство во Египет. Германскиот состав немаше никакви проблеми против кувајтскиот претставник Бурган СЦ, доминирајќи во текот на целиот натпревар за финална победа од 38-18. 

Уште на полувремето ракометарите од Берлин обезбедија висока предност од 20-11, по што во вториот дел рутински го затворија мечот со конечни дваесет голови разлика. Најдобариот светски ракометар, Матијас Гидсел, доби помала минутажа поради убедливото водство и очекуваните потешки предизвици во следните фази од турнирот. Тим Фрајхофер со девет и Ајмерик Зепфел со десет погодоци беа најдобри стрелци во победничкиот табор.

Ова Светско првенство се игра во Египет по нов систем на натпреварување, а само победниците од групите патуваат директно во големото финале. Во групата Б, покрај Фуксе Берлин и Бурган СЦ, се наоѓаат и Веспрем и Ал Ахли. Веспрем веќе забележа сигурна победа против Ал Ахли (31-23), што значи дека директниот дуел помеѓу Фуксе Берлин и унгарскиот гигант Веспрем ќе биде одлучувачки за пласман во финалето.