Фуксе Берлин ја предаде круната, Флензбург е нов освојувач на Европската лига!

Екипата на Флензбург е освојувач на Европската лига за сезоната 2023/24. Во бундеслигашкото финале во Хамбург, ракометарите на Флензбург со сигурни 36-31 го совладаа ланскиот освојувач Фуксе Берлин и за првпат се шампиони во новиот формат на второто по ранг натпреварување на ЕХФ.

Германските гиганти во целост ги оправдаа очекувањата на ракометните фанови. Атмосферата во Хамбург беше фантастична, а актерите на теренот понудија спектакуларно финале, кое на крај заврши со триумф на Флензбург.

Бранителот на титулата имаше нешто поефикасен старт и во неколку наврати имаше предност од три гола (1-4, 3-6). Но, кон средната на полувремето се разигра Јакобсен, кој со три гола за четири минути ја анулира негативата на противникот, а до паузата Флензбург се избори и за предност од еден гол (15-14). 

Второто полувреме започна со неспортски прекршок на поранешниот вардарец, Мијајло Марсениќ и директен црвен картон. Српскиот кружен напаѓач беше прегруб во одбраната и судиската двојка од Шпанија го испрати на трибини. Само пет минути подоцна и Флензбург остана без еден од најдобрите ракометари. Готфридсон удри противник во главата и по видео-прегледите судиите му покажаа директен црвен картон. Но, и покрај исклучувањето на шведската ѕвезда, Флензбург имаше целосна контрола на паркетот и со гранитна одбрана и сигурен напад влезе во серија и се одлепи на пет гола, предност која што беше недостижна за берлинчани. 

Најдобар поединец кај победничкиот тим беше Јакобсен со седум гола, а кај поразениот тим прв стрелец беше Толбринг со седум гола.

Во мечот за третото место попладнево Рајн Некар Левен го совлада Динамо Букурешт со 32-31.