• Мартин Танасковски

Неверојатната спортска приказна на Виго Кристијансон продолжува, откако беше официјално потврден неговиот трансфер во германскиот бундеслигаш Флензбург, каде ќе настапува со двегодишен договор од 2027 година.
Кариерата на Кристијансон претставува редок пример за успешна трансформација меѓу два спорта. Тој првично беше младински репрезентативец на Исланд во фудбал и дури настапи во Лигата на Европа со Брејдаблик во 2013 година. Сепак, на 20-годишна возраст донесе клучна одлука да се посвети на ракометот.
Неговиот пат не беше лесен, во 2017 година испадна од данската лига со Рандерс, по што ја продолжи кариерата во Австрија, настапувајќи за Вест Виен во периодот од 2017 до 2019 година. Пробивот на повисоко ниво следеше со трансферот во Лајпциг во 2019 година. По краток период, замина на позајмица во Вецлар, каде доби поголема минутажа и можност за развој.
Истата година го забележа и своето деби за репрезентацијата на Исланд, по што беше дел од составот на Европско првенство во ракомет 2020. Неговиот континуиран напредок кулминираше со учество во полуфиналето на Европско првенство во ракомет 2026.


