ФТЦ на Лекиќ и Цвијиќ промаши напад за реми, историски Ф4 за Одензе!

Ракометарките на Одензе ја преживеаја драмата против Ференцварош и славеа со 24-25 за пласман на „фајнал-фор“ турнирот во Лигата на шампионите. По ремито во Данска, реваншот во „ЕРД Арената“ во Будимпешта понуди огромна драма. До последни секунди се играше егал кој на крајот заврши со победа на Данките среде Унгарија

Откако Одензе одигра подобар прв дел во кој имаше и три гола предност, на пауза се замина со егал (14-14). Во продолжението ФТЦ водеше со 20-18, но потоа гостинките се наметнаа. Завршницата донесе драма, последниот гол Одензе го даде околу три и пол минути пред крајот за 23-25. Потоа екс-вардарката Драгана Цвијиќ намали на 24-25, а до крајот Ференцварош не реализира три напади за реми, додека и гостите грешеа. Во последниот напад Емили Болк имаше шут за продолженија, ама не успеа да погоди на 13 секунди пред крајот. Најефикасна на мечот беше Тале Рушфелдт Деила со седум гола, додека Болк од ФТЦ заврши со пет реализации. 

Трофејот во елитното натпреварување ќе го брани Ѓер откако дома го победи Лудвигсбург (29-22) и по минималниот триумф на гостински паркет (24-25) си завери уште една виза за Будимпешта. Унгарскиот гигант се наметна уште во првиот дел и на паузата имаше 13-10, а потоа во продолжението ја потврди фаворитската улога со убедлив триумф. Најефикасна на мечот беше Јоргенсен со девет погодоци, додека кај Германките се истакнаа Гасама и Смитс со по четири.

Преостанатите две места на завршниот турнир ќе се пополнат утре по реванш дуелите меѓу Есбјерг и ЧСМ Букурешт, како и мечот на Мец и Брест Бретањ.