Франција третпат освои олимписко злато и го урна митот за непобедливата Данска!

Франција одново е освојувач на златниот медал на Летните Олимписки Игри. Денес избраниците на Гијом Жил ја победија Данска (25-23) и ѝ се реваншираа за поразот пред пет години во Рио де Жанеиро. Никола Карабатиќ, Лук Абало и Мишел Гигу се радуваат на нов медал, четврти во серија за искусните француски ракометари. Нивните поранешни соиграчи Тјери Омејер и Даниел Нарцис застанаа на три последователни медали.

„Експертите“ стекнаа одлична предност во првиот дел, во кој одиграа одлична одбрана. Во текот на сите 30 минути имаа одговор за данските ракометари, особено за Микел Хансен. Самиот финиш донесе највисоки 14-10 во корист на француската репрезентација.

Одговорот на актуелниот олимписки првак пристигна во продолжението. Со голема мака екипата на Николај Јакобсен се приближи на еден гол негатива на десет минути до крајот. Меѓутоа потрошената енергија во потрага по кам-бек ја плати со пад во играта во завршните моменти кога се одлучуваше победникот.

Хансен ја преземаше одговорноста, но не беше прецизен во неколку напади во низа. Тоа Франција го искористи за да ја одржи предноста, а по исклучувањето на Мелгард и да стави печат на одличното издание во финалната пресметка. Олсен намали на 24-23 на минути до крајот со игра „седум на шест“, но завршниот удар го сервираше Лудовик Фабрегас.

Недим Ремили со пет погодоци беше прво име кај Французите. Кај Данска очекувано се истакна Хансен со девет гола. Натпреварот одлично го водеа македонските судии, Николов и Начевски.

Третото место и бронзениот медал го освои Шпанија на новиот вардаров ракометар, Едуардо Гурбиндо, а поранешниот тренер на Вардар 1961, Роберто Гарсија Парондо и Египет испишаа историја со четвртото место, но останаа без медал.