• Редакција Gol.mk

Растот на најмладиот суперлигаш, Алкалоид од Скопје, е евидентен и клубот веќе прави чекор напред во својот развој. Третопласираната екипа во шампионатот на Македонија го договори францускиот интернационалец, Арно Бинго, кој како слободен ракометар ќе дојде во Македонија, откако на крајот од овој месец ќе му истече договорот со Бенфика.
35-годишното лево крило потекнува од школата на Вокс Ан Велин, играше за Вилфранш, па Вилербан, пред да замине во Трембле, чиј дресот го носеше 2007 до 2016 година. Најплодниот период го мина во Монпелје, каде остана три сезони, а освои и една титула во Лигата на шампионите во 2018 година. Во минатата сезона го носеше дресот на Бенфика во португалското првенство.
Бинго ќе остане запаметен како прв странски ракометар во историјата на Алкалоид, клуб кој следната сезона ќе игра во Европската лига на ЕХФ. Неговото претставување се очекува по завршувањето на сезоната во Македонија и Португалија.
Во зависност од исходот на саботниот натпревар против Вардар 1961, ќе биде познато дали Алкалоид ќе игра директно во групната фаза или ќе игра квалификационо коло.