• Иван Димовски
Македонската машка кадетска ракометна репрезентација го претрпе вториот пораз на Европското првенство во Србија, откако во натпреварот од второто коло загуби од Франција со 36-25. Со овој неуспех избраниците на селекторот значително си ги намалија шансите за пласман во главната рунда, иако расплетот во групата ќе зависи и од останатите резултати.
Македонија успеваше да одржи чекор во воведните минути. По почетните 4-4, ривалот првпат се одлепи на три гола разлика, меѓутоа неколкуте интервенции на голманот Николовски овозможија нашата селекција повторно да се врати во игра и да израмни на 9-9.
Македонија не ги искористи шансите да поведе, а тоа Франција го казни со серија за нова предност. Дамчевски накратко намали со погодок од дистанца, но до крајот на првото полувреме противникот целосно ја презеде контролата. Со поефикасен напад и цврста одбрана Французите заминаа на пауза со убедливи 20-13. Во второто полувреме Франција рутински ја одржуваше високата предност, а Македонија не успеа да се доближи и да внесе неизвесност. Стручниот штаб им даде шанса на поголем број ракометари, но разликата остана висока до самиот крај за конечни 36-25.
Најефикасни во македонскиот состав беа Бобан Поповски со шест голови, Лука Јовиќ постигна пет, а Горазд Дамчевски четири.
Следува слободен ден на шампионатот, а Македонија на 1 август ќе го одигра последниот натпревар од групната фаза против селекцијата на Шведска.
