Франција пресилна за Бразил, Ландин ги сопре Египќаните

Еден од фаворитите за олимписко злато на машкиот ракометен турнир, селекијата на Франција на селекторот Гијом Жил и капитенот Никола Карабатиќ ја забележа втората победа во групната фаза. По триумфот против Аргентина, уште една јужноамериканска селекција го „положи оружјето“ пред „галските петли“. Франција го совлада Бразил со 34-29 (16-13) во дуел од групата А.

Во натпревар со голем број на голови, нешто поцврста беше француската одбрана и на почетокот од вториот дел ја направи одлучувачката разлика. Никола Карабатиќ и пивотменот Турна со по четири погодоци беа најефикасни во победничкиот табор, во кој скоро сите ракометари се запишаа меѓу стрелците. Кај „кариоките“ се истакнаа Чуфа и Родригез со по пет гола. Црвен картон заработи Тиагуш Петруш.

Исланѓанецот Гисласон ја запиша првата олимписка победа како селектор на Германија. Бундес-тимот ја надигра Аргентина со 33-25 (14-13). Со одлично второ полувреме германскиот тим го „скрши“ составот на Каденас. Најефикасни во победата беа Кастенинг и Шилер со по седум гола. 

Данска го совлада Египет во дербито од второто коло на групата Б со 32-27. Хансен со девет и Гидсел со осум гола беа најдобри стрелци во таборот на Данска, но епитетот играч на натпреварот го понесе Никлас Ландин со 15 интервенции. Кај Египќаните шест погодоци постигна Ахмед Мохамед.