• Саше Љолес
За првпат во македонската ракометна историја било каква наша селекција ја совлада моќната Франција. Нашите младинци се деветти во Европа и водени од Стојановиќ и Ангеловски на Европа ѝ покажаа дека и кај нас се игра квалитетен ракомет и овој спорт има голема иднина во нашата земја.
Македонската ракометна репрезентација до 20 години одигра уште еден храбар натпревар на Европското првенство во Словенија и славеше над Франција со 30-29, освојувајќи го на крајот деветтото место на турнирот. Јунак на натпреварот беше Иван Галевски, кој одбрани пенал во последната секунда и спречи продолженија.
Нашите момчиња одиграа одлично прво полувреме и наметнаа силно темпо, на кое Французите немаа одговор. Имавме одличен моментум, кој го искористивме максимално и на паузата имавме предност од пет голови (10-15). Субашевски, Узунчев и Дамјан Митев беа предводници на Македонија во првите триесет минути, а добрата игра ја пренесоа и во вториот дел.
Франција заигра за нијанса подобро на стартот од второто полувреме и полека ја топеше нашата предност, додека избраниците на Раде Стојановиќ се обидуваа да се одржат во позитивен ритам. „Триколорите“ успеаја да израмнат на 27-27 во 57. минута, но потоа повторно поведовме со еден гол разлика.
Во последната минута влеговме со предност (29-28) и со голема борба се обидувавме да стигнеме до посакуваниот триумф. Франција повторно израмни, но ние успеавме да постигнеме гол, кој на крајот ни ја донесе победата со конечни 29-30. Судијките на секунда до крајот му покажаа црвен картон на Дамјан Митев, а исто така и досудија пенал за Франција. Сепак, дека е пенал-мајстор одново покажа голманот на Алкалоид. Галевски успеа да ја добие психолошката битка и го одбрани лошиот шут на Французинот. На овој начин, Македонија го завршува одличниот настап на континенталниот собир со пласман на деветтото место.
Најефикасни во нашиот табор беа Дамјан Субашевски и Дамјан Митев со по шест погодоци, а зад нив беа Димитар Узунчев со пет гола и Мирче Калајџиески, кој постигна еден погодок помалку. Оваа репрезентација навистина ветува многу за во иднина и прикажа дека Македонија има на што да се надева кога се работи за ракометот. Загуби само еден натпревар и со сигурност заслужи подобар пласман од деветтото место.