Франција посрамотена, но Динар нема да добие отказ

Ниту дебаклот на Франција на Европското првенство во Австрија, Шведска и Норвешка не предизвика потреси во ракометната велесила. Со два порази во првите две средби во групната фаза, „триколорите“ ги загубија шансите за пласман во главната рунда и ќе се класифицираат меѓу 13-тото и 24-тото место. 

Иако се предвидуваше отказ за селекторот Дидие Динар, такво нешто нема да се случи.

Техничкиот директор на Француската ракометна федерација, Филип Бана, потврди дека селекторот Динар ќе ја води репрезентацијата на Олимписките игри во Токио, ако Франција таму се квалификува. 

Динар е селектор од 2017 година и освои злато на Светското првенство во 2017 година и бронзи на Европското првенство во 2018 и Мундијалот во 2019 година.